Ноќеска избувна пожар во кој се запалија бараките на ЈП Улици и патишта, зад трговскиот центар Буњаковец во центарот на Скопје.

Како што изјави директорот на претпријатието Борис Настов за порталот СДК, пожарот настанал од паркиран автомобил, кој експлодирал и огнот се проширил на бараките.

– За жал, пожарот се прошири низ сите бараки и сега тие се уништени. Чуварот интервенирал и повикал Пожарна, но оганот брзо се ширел. Во овие простории нема да може веќе да се работи. Се спремавме за снегот, а не изненади пожар, вели Настов, кој минатата недела беше назначен за в. д. директор на претпријатието.

Командирот на скопските пожарникари Владимир Симоновски, за порталот СДК, вели дека по добиената пријава интервенирале со шест возила.

Пожар избувнал ноќеска во бараката на ЈП „Улици и патишта“ во Скопје од автомобил што бил паркиран до објектот и веќе е целосно изгаснат, потврдија за МИА од Противпожарната бригада на град Скопје.

Пријавата за пожарот била во 01.50 часот, а интервенирано е со шест возила и 19 пожарникари.

Иако пожарот е изгаснат протовпожарна екипа превентивно се уште е на терен.

Дополнителни информации се најавени за подоцна.

МВР објави детали

Министерството за внатрешни работи соопшти детали за пожарот во кој изгоре бараката на ЈП „Улици и патишта“.

Пријавата ја добиле околу 01.15 часот дека на ул.„Стефан Јакимов Дедов“ настанал пожар во патничко возило „нисан“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н.Л.(38) од Скопје.

-Од пожарот делумно било зафатено и патничко возило „шкода“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г.Б.(45) од Скопје и бараките на ЈП „Улици и патишта“ кои биле целосно опожарени, информира МВР.

Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил локализиран, а повредени лица нема.

Увид ќе се врши во текот на денот.