Одлуката да се пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите, реагира Маричиќ по ссудксста одлука за ослободување на Сашо Мијалков од притвор.

Потсетувам, пишува министерот за правда, дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност.

-Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција истакна дека е скандалозна одлуката на судот да ја прифати гаранцијата, со што на лицето Сашо Мијалков му се укинува притворот.

-Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување, изјави Кузеска.

Таа ги повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години, да донесат ваква одлука.

-Како оцениле дека не постои ризик од бегство? Но сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем. Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, додава портпаролката на СДСМ.

Кузеска ги повика сите надлежни институции да се вклучат во овој случај, за да не се дозволи бегство.
-Судиите се независни, но оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој, смета портпаролката на СДСМ, Кузеска.