Ваучери од 1.000 денари ќе добијат 45.000 граѓани од ранливите категории за да ги покријат своите сметки за струја во зимските месеци кои доаѓаат, објасни вечерва на ТВ Сител претседателот на СДСМ и премиер во најава, Димитар Ковачевски. Тој рече дека Владата предвидела и намалување на ДДВ-то за струја од 18 на 5 отсто во случај на криза.

Ковачевски уверуваше дека нема да има ценовен шок и рестрикции, иако одлуката за цената на струјата ја носи Регулаторната комисија за енергетика. Уште повеќе, енергетските компании веќе имаат добиено парична помош од Владата за оваа година, а оставена е ставка во Буџетот и за идната.

– Ако зборуваме за енергетската криза во македонски контекст, фер е да кажеме дека во изминатите 30 години во државата не е инвестирано во ниту еден нов енергетски капацитет. Единствено сега имаме нови инвестиции финансирани дел од државниот буџет, дел со јавно-приватно партнерство во насока на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори – истакна Ковачевски.