Трошокот за набавка на природен гас во јануари 2022 година во однос на јануари 2021 година е зголемен за девет милиони евра. Сметавме дека цел овој трошок не треба да падне на грбот на граѓаните и повикавме на солидарност за помош на потрошувачите од Град Скопје и општините.
Ова синоќа го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимовски во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.
Бислимовски вели сите треба да покажат солидарност во овие услови на незапаметена енергетска криза со цел да се намалат ефектите од неа врз граѓаните.
Бислимовски посочи дека количините на природен гас за топлинска енергија се обезбедени, а проблем се финансиите на БЕГ за плаќање на природниот гас.
-ТЕТО го набавува гасот од берзата во Австрија и таму имаат 10-годишен договор за набавка на природен гас. Од аспект на количини, тоа е обезбедно, но начинот и перидот на плаќање е проблематичен, рече Бислимовски.
Подолг период граѓаните на Скопје кои ги користат услугите на топлификација се жалат на недоволно греење во нивните домови, рано исклучување на парното греење и ладни радијатори.