Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии, вели претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски по денешната прес-конференцијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– Мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата. Тоа што го кажува воопшто не е точно, смета Ковачевски.
Димитров, додава тој, лично бил дел од градењето на истите тие позиции.
– Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени државни позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загорозени со заминувањето на Димитров, вели Ковачевски.