Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска 12.01.2022 година остварија средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Рејчел Галовеј, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, економија и енергетската криза со која се соочува државата и граѓаните.

Претседателот Мицкоски посочи дека новиот состав на владата на СДСМ нема легитимитет од страна на граѓаните да владее, укажувајќи дека немањето на стратегија, визија и план од страна на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и поставување на стари истрошени кадри на позиции лошо ќе се одрази врз реформите за кои како што рече се неопходни се со цел Македонија да се придвижи напред, истакнуваат од партијата.

Од страна на претседателот Мицкоски беа посочени и предизвиците со кои дополнително се соочуваат граѓаните во однос на економската криза, а воедно информираше дека поради задоцнето постапување и лошо менаџирање со државата и институциите Македонија се соочува со енергетска криза која пак негативно влијае на животниот стандард на граѓаните.

Мицкоски се заблагодари на амбасадорката Галовеј за поддршката која Обединетото Кралство и ја дава на Македонија, посочувајќи дека Обединетото Кралство на Велика Британија и понатаму останува еден од стратешките партнери и интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците изразија подготвеност за продолжување на добрата соработка и пријателскиот однос, информира ВМРО-ДПМНЕ.