Пожар во близина на хемиска фабрика во Пасаик, во американската држава Њу Џерси, синоќа се прошири на неколку згради и се заканува да стигне до складиште за хемикалии, соопштија официјални лица.
Градоначалникот на Пасаик, Хектор Лора, во видеото објавено на Фејсбук им порача на жителите да се оддалечат од таа населба и да ги затворат прозорците. Тој рече дека пожарникарите се уште ја проценуваат ситуацијата и додаде дека засега нема информации за жртви.
Шефот на пожарникарите на тоа место Патрик Трентакост изјави дека зградата била празна кога избувнал пожарот, пренесуваат американски медиуми. – Имало хлор во дел од зградата и сега се чини дека е под контрола, рече тој кратко по полноќ по локално време (6.00 часот во сабота по средноевропско време).
Шефот на пожарникарите изјави и дека најголемиот дел од зградата каде што избувнал пожарот се урнал. Водата од блиската река се користи за помош на пожарникарите.