Во тетовското Обвинителство пристигна преводот на извештајот на германските експерти за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември минатата година. Како што дознава Алсат од свои извори во обвинителството, во извештајот на германските експерти се наведува дека причина за ширењето на пожарот во тетовската монтажна болница можеби е продолжениот кабел на кој бил приклучен медицински апарат за лекување на пациенти.
Извештајот, според обвинителството, е доставен на анализа на пет обвинители вклучени во истрагата за случајот, кој, откако ќе го анализираат, ќе утврдат дали од овој извештај ќе произлезе правно мислење, за отворање нови истраги, или ќе продолжи со истите истраги што домашните обвинители ги водеа досега. Состанокот на обвинителите се очекува да се одржи во рок од една недела, по што ќе бидат донесени заклучоците.
Од тетовското обвинителство не соопштуваат повеќе детали за содржината на преведениот извештај, со образложение дека е дел од истрагата за случајот, додека од обвинителството велат дека извештајот на германските експерти е исклучително важен бидејќи, од овој извештај ќе може да се отвори нова истрага.