Лидерот на Исламска држава, Абу Ибрахим ал Хашеми ал Кураиши денеска загина во акција на американските специјалци во северниот дел на Сирија откако детонира бомба, при што загинаа и членови на неговото семејство.
– Благодарение на нашите способни и храбри војници, го елиминиравме лидерот на ИД од бојното поле. Сите Американци сигурно се вратија од акцијата, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Неименуван претставник на американската администрација изјави дека „на почетокот на операцијата метата активира бомба, која го уби него и членови на неговото семејство, вклучително и жени и деца“.
Претходно, портпаролот на Пентагон Џон Кирби акцијата ја оцени како успешна антитерористичка мисија во која нема жртви помеѓу Американците.
Додека сириските спасувачи соопштија дека најмалку 13 луѓе, меѓу кои жени и деца загинаа во престрелката и експлозијата по упадот на американските специјалци во куќа во подрачјето на Атмех, што е лоцирано во близина на границата со Турција.
Голем број групи поврзани со Ал Каеда дејствуваат во северозападна Сирија, последното големо упориште на бунтовниците против сирискиот претседател Башар ал Асад. Таму се кријат и лидерите на ИД.