Политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања бидејќи за тоа се избрани и тоа треба да го прават врз основа на европски вредности, додека историчарите треба да истражуваат за историските прашања.
Разговорите со Бугарија за отворените политички прашања се водат на ниво на експертски групи и за сите резултати од разговорите МНР информира откако завршуваат состаноците, порача вчера премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги отворените политички и историски прашања меѓу Скопје и Софија и обновениот дијалог за нивно надминување.
Разговорите и продлжуваат и штом ќе има решение прифатливо за двете страни тоа ќе биде споделено со јавноста, вели Ковачевски. Тој истакна дека министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на отворените политички прашања имал излагање во Комисијата за надворешни работи во Собранието, каде што сите пратеници можеле изворно да се информираат.
– Процесот се води на ниво на експерти кои работат во МНР со полн капацитет со своите колеги од Бугарија и штом ќе има решение кое што е прифатливо за двете страни, тогаш нормално дека тоа ќе биде споделено со јавноста и нормално дека ќе биде споделено низ институциите коишто тоа решение ќе треба да го одобрат согласно со законските и уставните одредби на државата, рече Ковачевски прашан за коментар за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нема да признае каков било договор со Софија се додека се договара зад затворени врати.
Во однос отворените историски теми и актуелизирањето на прашањето за Гоце Делчев, Ковачевски рече дека „Делчев е основоположник за национална борба којшто се борел за независна македонска држава која што ние денес ја живееме, која што е членка на НАТО, која што е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ штом ќе се решат прашањата со Бугарија кои што ги имаме отворено“. Тие, вели, мора да се решаваат во духот на европските вредности во духот на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави.
– Со оглед на тоа што постојат отворени прашања што се дел од историјата, формирана е Историска комисија, односно Комисија за историски и образовни прашања какви што комисии се формирани и помеѓу држави коишто исто така имале историски спорови и во други делови во Европа. Такви комисии постојат меѓу Германија и Полска и помеѓу други држави и коишто работат низ годините. И оваа Комисија работи според своја методологија, според историски факти и во неа учествуваат професори по историја и затоа јас велам дека политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања бидејќи за тоа се избрани и тоа треба да го прават врз основа на европски вредности, додека историчарите треба да истражуваат за историските прашања и врз основа на заеднички сознанија треба заеднички да ги соопштуваат, нагласи Ковачевски.
За обновениот дијалогот Скопје – Софија станало збор и во телефонски разговор на Ковачевски со неговиот холандски колега Марк Руте. Ковачевски го информирал Руте новата динамика во разговорите и отворената комуникација со премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Заклучено е дека динамизираните контакти треба да овозможат заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни што ќе ја забрза одлуката за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ од што се очекува позитивен импакт и за целиот регион на Западен Балкан.
Поддршка за почеток на преговори за членство изрази и Франција. Ставот на актуелниот претседавач со ЕУ е јасен – а тоа е отворање колку што е можно побрзо на пристапните преговори и за Македонија и за Албанија. Францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер во вторникот кажа дека ако во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија се постигне вистински напредок чија завршница би значело отворање на преговорите, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе и биде и вистинска чест.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера порача дека нема намера „да поддржи никаков пазар во однос на разговорите со Бугарија“.
Според него, ако власта имала чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот, најпрво требала да го сподели со неа прашалникот 5+1 и да разговара сериозно.
– Очигледно има некој пазар позади завесата и затоа ВМРО-ДПМНЕ, односно идната влада, таков пазар, скриен зад очите на јавноста, нема намера да поддржи. Ова е порака до Петков, до Радев и до сите што го фасилитираат тој процес, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања вчера.
Мицкоски нагласи дека преговарачките позиции се поткопуваат со тоа што се лицитира со идентитетот на македонскиот народ и со идентитетот на државата.
Согласно новиот пристап во разговорите со Бугарија, утврден на заедничката меѓувладина седница што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.
Првата средба за пакетот политички прашања се одржа минатата недела во Софија. Двете земји ги дефинираа приоритетни прашања за кои ќе се бараат решенија. За македонската страна тоа се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, а за бугарската прашањето на Бугарите во Северна Македонија.
Втората средба на експертите од Министерствата за надворешни работи на двете земји за политичките прашања е планирано да се одржи во Скопје. Се очекува двете делегации да дојдат со нови политички инструкции врз основа на разговорите што се водени на првиот состанок на 11 февруари во Софија, на кој детално биле елаборирани позициите на двете страни.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи викендот оцени дека позициите се уште се различни, но дијалогот за изнаоѓање заеднички решенија продолжува.