Како што руската офанзива се интензивира во Украина, портпаролот на француската Влада, Габриел Атал, во програмата „Политички прашања“ на Франс Инфо и Франс Интер, изјави дека Франција ја исклучува можноста од испраќање француски војници во Украина, јави дописникот на МИА.
Тој, меѓутоа, нагласи дека земјата веќе им дава материјална поддршка на Украинците.
-Испорачавме оружје, продолжуваме да испорачуваме и ќе ги зголемиме нашите испораки. Претседателот Зеленски достави многу јасен список на опрема што му е потребна и ние реагираме на тоа, рече Атал.
На прашањето дали може да се каже дека Франција е во војна, портпаролот на владата, исто така, кажа „нашата земја не е во војна, туку таа е покрај една земја, Украина, која војува со Русија“.
-Таа ја придружува, ја поддржува, во хуманитарни прашања, во одбранбена опрема, исто така е мобилизирана да постигне прекин на огнот и да се реши овој конфликт, рече тој.