Се случија тектонски промени на светската сцена, Србија се наоѓа во исклучително тешка ситуација и помалку од кога било постои разбирање за позицијата на Србија, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното обраќање до нацијата, по повод ситуацијата во Украина.
– Многу ми е тешко да им се обратам на граѓаните, веројатно во најлошото расположение во последните десет години. Кризата во Украина влијае и на Србија. Целиот свет стана поинаков и буквално ништо повеќе не е исто. Се случија тектонски промени на светската сцена, и Србија се наоѓа во исклучително тешка ситуација и помалку од кога било постои разбирање за позицијата на Србија и на нашиот народ каде било во светот, рече Вучиќ.
Вучиќ додаде дека „речиси не постои претставник на големите земји со кого не сме разговарале“.
– Лично разговарав со претставниците на САД и ЕУ, со Урсула фон дер Лаен, со претседателите на Франција, Германија. Разменував пораки со шефовите на Европскиот совет, за нашите гласања и сè останато. Србија е соочена со огромен притисок и малку кој сака да ја слушне нашата аргументација и тогаш ви е јасно колку е нашата позиција тешка. Јас мислам дека ова е само почетокот, притисоците на нашата земја ќе бидат огромни во следниот период. Очекувам во следниот период да има неколку замки за Србија, продолжи Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека „некои од следните иницијативи ќе биде исклучување на Русија од Обединетите нации“.
– Планираат врз основа на членот 6 да поведат расправа за тоа. Тогаш тоа отвора простор за промена на резолуцијата 1244, по што ние повеќе немаме правна основа и следи признавање на независноста на Косово. Нашата позиција ни за 3,4,5 дена нема да биде подобра. Никој не сака да ги слуша приказните за ’99, за Косово, тоа за нив е завршена приказна. Замислете да кажат – сега повеќе нема фабрики, сега ќе ги затвораме фабриките, да не зборувам за набавката на одредена стока која ние ја немаме доволно, рече Вучиќ.
Тој најави и протестна нота до Турција поради изјавата на Ердоган за влегување на Косово во НАТО.
Видеото од обраќањето (почнува од 23 минута) на Вучиќ може да го отворите ТУКА.