Руското Министерство за одбрана денеска ги обвини украинските саботери за нападот на нуклеарната централа Запорожје, нарекувајќи го чинот „монструозна провокација“.
Украински власти утринава соопштија руските воени сили, по ноќешниот напад, ја зазеле нуклеарната централа во Запорожје во југоисточна Украина.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави дека нуклеарната централа работи нормално и оти е под руска контрола од 28 февруари.
– Меѓутоа, синоќа националистичкиот режим во Киев се обиде да изврши монструозна провокација, изјави Конашенков, објаснувајќи дека руската патрола во близина на нуклеарната централа била нападната од украинска диверзантска група.
Украинскиот нуклеарен регулатор не откри никаква промена во нивото на радиоактивност во електраната во Запорожје, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).