НАТО во пресрет и за време на руската инвазија на Украина ги зајакна своите сили во источна и југоисточна Европа, додека САД испратија дополнителни 15.000 војници, така што бројот на нивните луѓе на Стариот континент надмина 100.000.
„Источните граници од Балканот до Балтикот во заеднички мисии ги чуваат околу 7.600 војници на НАТО со тенкови, пешадиски борбени возила, хеликоптери, борбени авиони, артилерија и бродови. Тој број не е конечен, бидејќи Пентагон на 7 март одлучи да испрати уште 500 војници на различни должности во Грција, Полска, Романија и Германија и дополнителни 400 војници во Литванија“, пишува порталот Балканска безбедносна мрежа (Balkan Security Network).
Четирите мисии на НАТО за засилено присуство (eFP) во Летонија, Естонија, Литванија и Полска сега бројат повеќе од 6.800 војници.
Овие бројки ќе се зголемуваат бидејќи силите на НАТО се очекува да бидат распоредени во Словачка, Унгарија и Бугарија.
„Борбените сили на НАТО се на постојана должност со ловци Ф-15, Ф-16, Ф-35, Тајфун и Мираж 2000 распоредени во земјите долж целото источно крило како дел од засилената воздушна полиција. Активирани се и воздухопловните сили кои од матичните бази во Западна Европа со додавање гориво во воздухот патролираат долж источната граница“, се додава во текстот.
Исто така се наведува дека САД дежураат со авио-танкери, бомбардери Б-52 и Б-1Б, а Франција со борбени авиони Рафал и авио-танкери.
Порталот пишува дека во Летонија има околу 2.500 војници на НАТО, во Естонија 2.250, во Литванија 1.500, додека во Полска има нешто повеќе од 10.000 сојузнички војници.
Во Словачка беа распоредени 1.200 луѓе со германско-холандската единица за противвоздушна одбрана Патриот, додека околу 7.000 војници од Третата оклопна дивизија на американската армија, опремени со тенкови Абрамс, оклопни возила Бредли и артилерија, беа префрлени во Германија од САД.
Дополнителни осум борбени авиони Ф-35 стелт се распоредени во Германија.
Во Романија сега има околу 2.000 сојузнички војници, додека во Бугарија пристигна одред од четири баталјони „Еурофајтер“ со 130 лица, а се очекува да биде распоредена и чета на американските пешадиски сили „Страјкер“.