Експерти од Полска, со светско искуство, може да го решат долгорочниот проблем со витражот на „Македониумот“ во Крушево, симболот на Илинденското востание. Со години се работи на заштитата на овој монументален споменик, еден од најзначајните за македонската историја.
Според Благоја Атанасоски, директор на прилепскиот „Завод и Музеј“, обновата на витражите се покажа како комплициран проблем, којшто бара висока стручност што тешко може да се најде на овие простори.
-Обновата на „Македониумот“ во Крушево е со подолга историја. Работите беа почнати уште пред 2017 година. Проектот е обемен и е речиси во завршна фаза. За обнова ги опфаќа: бетонскиот, витрашниот, керамичкиот кај Анфитеатарот пред споменикот. Ние дури донесовме и стручни лица од Полска, преку наш соработник. Тие многу темелно ја испитаа состојбата на витражите и можноста за нивна обнова. Ќе бидат вклучени во изработката на проектот. Ние ќе направиме радикални промени, зашто, оној, многу битниот, витражниот дел, е во многу лоша состојба. Со проектот е предвидена поголема сума пари и сакаме да направиме нешто што ќе трае 100, 200, па и повеќе години, изјавува Атанасоски.
Досега во Македониумот е направен подот, поставен е индустриски под, со што е решен тој проблем. Годинава, Прилепскиот музеј ќе работи на санирањето на бетонскиот дел од Споменикот, кој прокиснува.
-За годинава имаме одобрени два милиона денари и ќе работиме на бетонскиот дел, мора да распишеме и тендер и фирма да го заштити со најсоодветни материјали за да се стопираат прокиснувањето и влагата, вели Атанасоски.
Споменикот „Илинден“ е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски. Во употреба е од 2 август 1974 година.