Три дена по одлуката на лидерите на ЕУ да се започне процедурата за апликација за членство на Украина, Грузија и Молдавија, Европската комисија сѐ уште не може да даде детали за процедурата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Советот на ЕУ ги прими писмата на Украина, Молдавија и Грузија минатата недела за апликација за членство, а шефовите на држави и влади на ЕУ на крајот на минатата недела потврдија дека местото на овие три држави е во европското семејство. По оваа декларација, Советот ја препрати задачата во Европската комисија од која побара да ја анализира ситуацијата и потоа да изготви мислење за подготвеноста на новите потенцијални земји кандидати.
Судејќи по постоечкиот процес на проширување, процедурата налага испраќање на прашалник со стотици па и илјадници прашања на кои треба да одговорат администрациите на земјите кои сакаат да добијат кандидатски статус. Европската комисија исто така треба да испрати експертски групи на терен.
Во Украина ова во моментов е невозможно поради војната, но Европската комисија денеска не беше во можност да даде било каков детаљ, и побара време за анализа.
– Ја разбираме важноста на овој чекор за украинското население, како и за населението на Грузија и Молдавија, кои сакаат да бидат дел од ЕУ, тие му припаѓаат на европското семејство, и секоја земја има право да одлучи за својата судбина. Европската комисија ќе напредува со работата на Мислењата, изјави Ана Писонеро, портпаролка задолжена за проширување и соседство.
– Европската комисија во овој момент ја анализира декларацијата на шефовите на влади и држави на ЕУ од петокот, и писмото на француското претседателство, и разгледува како ќе постапи во овој многу специфичен контекст, додаде Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија.
Не се споменува ниту рок кога треба Европската комисија да го објави ова мислење.
Во однос на условите поврзани за заштита на малцинствата, во случајот на руското малцинство во Украина, Писонеро не сакаше да навлегува во детали, но упати на важноста на заштитата на малцинствата за ЕУ.
– Членот 2 за вредностите на ЕУ и заштитата на малцинствата е една од најтемелните вредности за нас, изјави портпаролката Писонеро на денешниот брифинг за новинари во Брисел.