Српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска изјави дека испораката на руски гас што Србија ја добива преку Балкански тек и Бугарија е нормална и оти нема најави дека Софија ќе запре со транзит на руски гас за Србија, јави дописиникот на МИА од Белград.
-Засега испораката на гас е нормална. Од Гаспром добиваме шест милиони кубни метри гас дневно. Кога станува збор за најавите за санкции против Русија кои можевме да ги слушнеме од премиерот на Бугарија и некои министри – тие се различни. Во секој случај, едно е прекин на испораките за Бугарија, што секако ќе се одрази на таа земја, а друго е прашањето за транзитот. Тоа не мора да значи дека треба да се прекине транзитот, а тоа не е само прашање на Србија, туку и на Унгарија, која на крајот на минатата година потпиша 15-годишен договор со Гаспром, изјави Михајловиќ, се наведува во соопштението од Министерството за рударство и енергетика.
Михајловиќ истакна дека во случај на ваква ситуација Србија има подготвен план.
-Во најлошото сценарио, доколку нема можност за снабдување со гас од тој правец, имаме можност да дојдеме до гас преку Унгарија, да го користиме нашето складиште додека не биде готов гасоводот Ниш-Димитровград, што ни дава можност да добиваме гас од други извори, да најдеме решение за гасот. Има различни сценарија и кризни планови и ние сме подготвени на сè. Одржуваме комуникација и со Бугарија и со Русија, а во наредните години се е можно, особено поради предлогот на Меѓународната агенција за енергетика до земјите од ЕУ да не потпишуваат нови договори со Гаспром кога ќе истечат постоечките, изјави српската вицепремиерка.