Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека 75% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешен правец и дека оваа Влада треба да си замине.
„Граѓаните не се задоволни од политиките на оваа Влада и огромно мнозинство од нив, 3/4 можеби повеќе од 75% граѓаните мислат дека државата се движи во погрешен правец и дека оваа Влада треба да си замине“, посочи Мицкоски.
Според него, едноцифрен е бројот на граѓани кои сметаат дека Владата треба да остане и дека државата се движи во правилна насока.
„Што значи и поддржувачите на политиките на СДСМ, ДУИ и останатите коалициони партнери, не се сите едногласни дека Владата треба да остане“, додава Мицкоски.
Што се однеусва до војната во Украина, тој посочи дека навистина жали што во 21-виот век проблемите се решаваат со загубени човечки животи и раселени милиони луѓе.
„Навистина тоа е една лоша состојба за сите тие луѓе таму и сочувствуваме, и изразивме нашата симпатија кон луѓето коишто за жал денеска трпат разузнување на сопствената земја“, истакна Мицкоски.
Тој вели дека проблемите никако не треба да се решаваат со агресија, односно со оружје како што се случува во Украина.
„И нашата Македонија за жал е предмет на агресија, само на поинаква тоа е политичка агресија. За жал веќе 22 години поминаа од денот кога го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација и никако да ги почнеме тие преговори со Европската Унија“, додава Мицкоски.
Тој запраша колку спорови треба да има Македонија за да почнат преговорите со Европската Унија?
„Колку отворени спорови ние треба да решаваме за да конечно ги почнеме преговорите со Европската Унија?. 2017 година се потпиша тој Договор за добрососедство од страна на тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов и тоа беше клучот, еден од двата клуча кои што требаше да ги отворат двете врати за да Македонија стане членка во рамките на НАТО и процедурата е таква, да ако некоја од членките земји на НАТО има проблем со некој сосед, со некоја друга земја која претендира да биде дел од НАТО Алијансата, може да ја спречи“, вели Мицкоски и повторно прашува зошто тогаш официјалната Влада на Бугарија не ја спречила Македонија.