Ирачкиот парламент го одложи индиректниот избор на претседател за 30 март, јави Анадолија

Претседателот на ирачкиот парламент Мухамед Халбуси изјави дека изборите се одложени бидејќи на вчерашната седница не бил постигнат кворум за гласање.

Ирачкиот парламент има 329 пратеници, а за избор на претседател мора да учествуваат најмалку 220 пратеници.

Изборот на нов претседател е важен чекор кон формирање на нова влада во Ирак по парламентарните избори одржани на 10 октомври минатата година.

Партијата на шиитскиот свештеник Муктада ал Садр во средата соопшти дека постигнала договор со Курдистанската демократска партија (КДП) и сунитската алијанса за суверенитет да го номинираат кандидатот на КДП Ребер Ахмед за претседател и Мохамед Џафар ал Садр од партијата Ал Садр за премиер.