Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ерусалим изјави дека Израел и САД се посветени да го спречат Иран да се вооружи со нуклеарно оружје и покрај спорот околу враќањето кон договорот со кој се регулира цивилната нуклеарна програма на Иран.

– Кога станува збор за најважните работи, сите сме во ист брод, сите сме посветени, решени да обезбедиме Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје, рече Блинкен по средбата со израелскиот колега Јаир Лапид на заедничката прес-конференција.

Лапид потврди дека има несогласувања за иранската нуклеарна програма и нејзините последици, но дека постои и волја за отворен и искрен дијалог.

– Заедно со своите нуклеарни напори, Иран продолжува со цела низа дестабилизирачки активности, изјави првиот американски дипломат, пренесоа израелските медиуми. Тој ги осуди нападите на бунтовниците Хути врз цивили и инфраструктура во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

– САД ќе продолжат да му се спротивставуваат на Иран кога ќе ни се закануваат и кога ќе им се закануваат на нашите сојузници и партнери, рече Блинкен.

Осврнувајќи се на нормализацијата на односите меѓу Израел и арапските земји врз основа на Договорите Аврам од 2020 година, Блинкен пред средбата со министрите за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Египет попладнево во пустината Негев во јужен Израел, рече дека САД се залагаат за проширување на соработката врз основа на овие договори.

– Ние многу го почитуваме силното отфрлање на руската агресија на Украина од страна на Израел, рече Блинкен, додавајќи дека ги почитува напорите на Израел да не биде искористен за заобиколување на санкциите против Русија.

Американскиот државен секретар ги пофали и напорите на израелскиот премиер Нафтали Бенет да посредува во војната во Украина и за тоа што испратил полска болница во таа земја.

Тој најави и дека на самитот во Негев со регионалните партнери ќе разговара за последиците од војната во регионот.

Блинкен, исто така, ќе го посети Западниот Брег и ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас, повторувајќи ја посветеноста на американската администрација за зајакнување на врските со палестинските власти.

Лапид нагласи дека САД и Израел имаат заедничка визија за мир и рече дека со Блинкен разговарал за иранската нуклеарна програма и војната во Украина.

Тој повторно ја осуди руската инвазија, како што прави од првиот ден на војната.

– Светот не смее да дозволи нуклеарен Иран, заклучи Лапид и најави дека САД и Израел ќе продолжат да работат заедно за да го спречат тоа.