Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 март.
Денеска е Преподобен Алексeј човек Божји.
Овој светител потекнуваше од римско благородничко семејство. Од малечок го имаше засакано Бога со целото срце и со целиот ум. Кога порасна родителите го оженија против неговата воља. Уште првата ноќ тој го напушти домот и жената и се насели како просјак во градот Едеса во Месопотамија. Таму проживеа 17 години.
Кога луѓето ги открија неговите добродетели, за да ги избегне почестите, се качи на брод за Лаодикија. Но, ветрот го одведе бродот близу Рим. Свети Алексиј дојде во домот на родителите, кои му дадоа да живее во една шупа близу куќата, бидејќи не го беа познале.
Таму Алексиј проживеа уште 17 години и мирно се упокои. Кога го открија телото, родителите во неговата рака најдоа едно ливче од кое дознаа дека тоа е нивниот син Алексиј. Тој беше толку близок до Бога, што продолжи да чудотвори и по неговата телесна смрт.