Му благодарам за гостопримството на земјоделецот Јордан Кавазов од валандовско Удово, објави денеска на својот официјален профил на Фејсбук претседателот на државата Стево Пендаровски.

Тој во акцијата „Лице в лице“ објавува и видео запис од неговиот престој во Валандово.

– Непосреден и пријатен разговор со земјоделци и сточари од село Удово и инспиративна средба со Марио Томов, млад иноватор. Посета на валандовскиот крај во рамки на „Лице в лице“, објави Пендаровски.

Неспорно е гостопримството на Македонците, меѓу нив и на земјоделците, од сите делови на Македонија, не само во Удово. Како што се неспорни и пожелни средбите со земјоделците на политичарите. Но, освен пофалбите за гостопримството, убаво е во објавите да напишат и што политичарите прават, во случајов, за земјоделците. Тоа го нема во објавата на Пендаровски.

А за неколку месеци ќе стигнат праските, црешните, потоа и јаболката… и други земјоделски и овоштарски производи за кои ќе почне лелекот за нивниот пласман. Особено сега откако раководството на државата и воведе санкции на Русија, која сигурно ќе возврати, а тоа ќе значи скусени пазари за македонски земјоделски и овоштарски производи.

Убаво е Пендаровски да се слика со гостопримливите македонски земјоделци, сточари, овоштари… И уште поубаво е да им соопшти убави вести дека македонската власт нашла алтернативни пазари за пласман на нивните производи. Вака останува само политичко-популистичко сликање со гостопримливите Македонци.

И, убаво од Пендаровски, како и од останатите политичари од власта, да им појдат на гости на земјоделците, сточарите и овоштарите, во сезоната кога ќе се судрат со проблемот за пласман на нивните производи.

Видеото може да го отворите ТУКА.

(Д.Г.)