Бројни реакции има по вчерашното соопштување на резултатите од Попис 2021, кој беше поздравен од ЕУ, партиите на Албанците во власта и владејачкиот СДСМ. Но, големо незадоволство и реакции од бројките и како е спроведен пописот има и кај дел од партиите во власта, опозициските парти, како и на партиите на Турците, Ромите и други.
Големо незадовллство има и поради непопишаните 132.269 граѓани во Македонија, а пред почетокот на пописот беше ветувано дека тој нема да биде валиден ако не се попишат и многу помал број од овој кој е официјално соопштен. Уште во текот на вчерашниот ден имаше објавено реакции за непризнавање на резултатите од пописот на политички субјекти од Македонците, Турците, Ромите и др.
Според вчера објавените резултати од ланскиот попис, во Македонија живеат 1.836.713 лица, од кои 58,44 отсто Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.Државниот завод за статистика (ДЗС) вчера ги објави податоците од спроведениот Попис 2021. Од вкупното резидентно население во земјава, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.Според возрасната структура, најголем процент од населението се во возрасната група од 40-44 години. Во земјава се попишани 51 лицe на возраст над 100 години.Македонскиот им е мајчин јазик на 61,38 % од попишаните, албанскиот на 24,34 %, турскиот на 3,41 %, ромскиот на 1,73 %, влашкиот на 0,17 %, српскиот на 0,61 % српски, а босанскиот на 0,85 %.
Помалку 186 илјади жители
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто.Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица. Резидентно население е 1 836 713, а нерезидентно 260.606.
Од вкупниот број попишани резидентни жители, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.
Како Бугари се изјасниле 3.504 лица, што е 0,19 отсто од вкупното резидентно население.
Од неризедентното население, пак, опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци.
Од вкупно попишаното население, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.
Православни 46,14 проценти, муслимани 32,17, попишани и 13.21 отсто „христијани“
Според религиската припадност, 46,14 % од резидентоното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32,17%) како муслимани, 6.746 (0.37%) како католици, а 242.579 (13,21%) се издвоени во посебна група како „христијани“, покажуваат пописните резултати што ги објави Државниот завод за статистика.
Како протестанти се декларирале 1.313 лица, а како посебни религиски групи се посочени и евангелско-протестанстки христијани 8.764, евангелисти-методисти 889, евангелсисти 678, адвентисти 371, баптисти 70, реформисти 50, јеховини сведоци 1.137.
Има и 74 припадници на еврејско (мојсиева) заедница, 96 харе кришна и 894 будисти.
Како атеисти се изјасниле 355, а агностици 1 964 лица.
Непопишани над 132 илјади граѓани
Во резидентно население се вклучени и 132.269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1.836.713 лица. Податоците за нив, како што објасни директорото на ДЗС Апостол Симовски, се преземени од административни извори и во нив нема податоци за етнички или верски карактеристики.
Бројката од 132.269 лица, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот.
Тој вели дека не можат сите овие лица да бидат казнети за неучество во пописот, со оглед на тоа што, како што рече, не се знае дали го бојкотирале, дали се плашеле од пандемијата, дали не биле во државата или пак не се попишани од некоја друга причина.
Според него, оние што повикуваа на бојкот, но не исклучиво само заради тоа, постигнаа да имаме еден контигнент на население за кое немаме информации.
– Тие кои се одзвале на повикот за бојкот беа изманипулирани граѓани. Секој оној кој повикуваше на бојкот, во суштина правеше само лошо. Тие што повикуваа на бојкот, не и мислат ништо добро на државата и тоа се покажа сега во суштина, подвлече Симовски.
Повеќе домаќинства и станови, просечното семејство е тричлено
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а на станови 839.174. Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Од презентираните резултати, просечно домаќинство брои 3,06 члена.
Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.
Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Речиси третина од населението живее во Скопје
Вкупниот број на жители во Град Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.
-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесув а 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти, соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.
Зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.
Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.
Реакции за Пописот
Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија нарекувајќи го големо достигнување. По објавувањето на резултатите од пописот, портпаролката на Европската Комисија Ана Писонеро за МИА изјави дека Комисијата го поздравува пописот, спроведен првпат од 2002 година.
– Ова е големо достигнување: обновени податоци за населението се суштински за планирање и имплементирање на соодветни социјални, демографски и економски политики за бенефит на сите граѓани, рече Писонеро за МИА.
Според Владата, Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa по речиси 20 години е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.
Владејачката СДСМ смета дека пописот, кој се одржа по 20 години, е голем успех за граѓаните и за државата воопшто. Според нив, пописот е спроведен согласно закон и сите правила на Евростат. Клучно е што по 20 години државата ќе добие релевантни податоци што се однесуваат на бројот на резиденти, бројот на нерезиденти, но најмногу и најважно е на бројот на резиденти и бројот на домаќинста, станови и сите тие податоци се исклучително важни заради општетствениот и економскиот развој на државата во следниот период.
Според претседателот на ДУИ Али Ахмети, земјава по 20 години има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата.
-Албанците се 29,5% во општата популација и 24,3% во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8% (од 20,04% во 2002 година). Им честитам на сите институции кои беа вклучени и помогнаа Пописот, како процес кој започна во март минатата година со дијаспората, кој во септември заврши со регистрација на населението во државата, напиша Ахмети на Фејсбук.
За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, овој попис е некомплетен и најави дека веднаш по промената на власта, ќе се направи нова статистичка и реална операција.
– Уште од почеток имавме многу забелешки за оваа статистичка операција, но оној заклучок кој што можеме да го кажеме покрај фактот дека таа е некомплетна е дека огромно мнозинство, повеќе од 90 проценти од тие кои што се неизјаснети се дел од македонскиот народ според општините каде што тие се наоѓаат, рече Мицкоски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека пописот е некомплетен и поради изнесениот податок дека 7,2 отсто од граѓаните не биле попишани, а податоците биле преземени од бази, без притоа да се дефинира нивната етничка припадност. Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи, како што соопштија, има силен бран на иселувања, операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика. Сметаат дека во објавените бројките секој има право да се сомнева. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека и покрај многуте забелешки, повикале на масовно попишување за време пописот, и додаваат дека бојкотот нанел одредена штета на податоците, особено за Македонците.
По објавувањето на резултатите од пописот, Алијанса за Албанците соопшти дека е во процес на разгледување на објавените резултати и наскоро ќе излезе со детална анализа. Изразија резерви во веродостојноста на овој процес во два сегмента.
– Над 132.000 граѓани се импутирани и непопишани на терен, додека ние сметаме дека бројот од околу 260.000 грѓани кои што живеат надвор не соодвествува со реалноста и со публикуваните податоци до сега од страна на меѓународните организации, смета АА.
Според нив, не може да се вреднува како веродостоен еден попис каде што околу 8,5 отсто од вкупното население, и на резидентното население, не им се знае националната припадност. Неверодостоен е и бројот од околу 12 отсто на граѓани во дијаспората. Ова поради тоа што многу меѓунардни инстанци, како што е Светската банка и Еуростат непрекинато се имаат изјаснето дека најмалку околу 30 отсто од граѓаните на Северна Македонија ја имаат напуштено земјата во последните децении.
За Демократски сојуз, резултатите од Пописот не се одраз на реалноста, тој е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста. Според нив, многу фактори влијаеле да не успее пописот: деструкцијата и повикот за бојкот на некои партии, лошите подготовки, методологијата за спроведување на пописот, партизацијата, слабата обука на попишувачите, отсуството на контрола и сл. Предлагаат да се направат дополнителни вкрстувања и проверки на податоците, а за нерезидентното население (иселеници) да се спроведе дополнителен попис.
Левица ги оспорува резултатите од пописот и начинот на кој беа соопштени податоците во присуство на дипломатскиот кор, оценувајќи го тоа како „обид да се бара легитимитет кај странскиот фактор“. Нагласија дека нема да го признаат овој, како што велат, фингиран попис, посочувајќи дека целиот случај ќе биде детално истражен и „ќе следуваат кривични пријави“, што, ќе биде и услов на партијата за влез во идна влада.
Сметаат дека еден од најголемите проблеми е попишувањето на дијаспората, за што, според партијата, со еднострано лобирање на министрите на ДУИ, како и користењето на државјанство како главен критериум за попишување, дошло до помешување на резидентното население и иселениците. Од резултатите, според нив, призлегува дека непопишани се 300.000 државјани.
Државниот завод за статистика, пак, соопшти дека пописот е спроведен успешно и професионално, а нивниот тим покажа дека може, знаее и умее, дека е една од најпрофесионалните институции во земјава.
Објавувањето на податоците од пописот што се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година, ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет што се објави вчера, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а идните месеци ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…
Трет попис по осамостојувањето на државата
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, согласно нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Според националната припадност Македонци се изјасниле 1,297,981 (64,17%), Албанци 509,083 (25,17%), Турци 77,959 (3,85%), Роми 53,879 (2,66%), Срби 35,939 (1,77%), Бошњаци 17,018 (0,84%), Власи 9,695 (0,47%) и 20,993 (1,03%) останати.
На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат. Затоа во 1994 година повторно е спроведен попис, што е прва пописна операција во Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување.