Патот кон НАТО го трасиравме одамна, во далечната 1993 година, а по речиси три децении ја минавме и целта. Гледано од денешна перспектива, сосема е јасно – станавме членка на Алијансата во вистински момент. Тоа ја потврдува исправноста на нашите разумни, храбри и прагматични одлуки. Со членството во НАТО стабилноста на државата не може да биде разнишана, а безбедноста здружено ја гарантираат Северна Македонија и 29-те сојузници, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на настанот „Денот на НАТО – 4 Април“.

Петровска порача, „ние сме НАТО, а Денот на НАТО е и наш ден, ние сме на праведната страна на историјата. Цврсто веруваме во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден.“

-Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да не поколеба. За сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници, подвлече министерката.

Таа напомена и дека земјава е рекордер по брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата. Ние сме, додаде, целосно посветени на колективната одбрана и на одвраќањето на секоја потенцијална закана.

-Со досега невидени инвестиции во опрема и модернизација, ја зацврстуваме нашата сила на копно, а заедно со НАТО го зацврстивме нашиот суверенитет и во воздух. Не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри, дури и кога го минавме прагот на НАТО. Рекордери сме во брзината со која го завршивме процесот на воена интеграција во Алијансата кој за нас траеше само 19 месеци по членството. Со над 30 проценти од одбранбениот буџет наменет за опремување и модернизација, денеска сме дел од 24-те сојузници кои веќе ги исполнија насоките од Самитот на НАТО во Велс, а посветени сме да го исполниме и вториот критериум – до 2024 година да одвојуваме два процента од бруто-домашниот производ годишно за одбраната и Армијата. Имајќи предвид дека го дуплиравме нашиот одбранбен буџет за само четири години, немам сомнеж дека ќе ја достигнеме и оваа цел, истакна Петровска.

Настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ традиционално го организира Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и на него, покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, јавноста се информира за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата. На настанот се презентираат и реформите и напредокот на годишно ниво, со посебен осврт на Армијата. Оваа година посебен фокус е ставен на пандемијата и војната во Украина, во пресрет на Самитот на НАТО во Мадрид.

Пред присутните, освен министерката Петровска, се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Евроатланскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани и американската амбасадорка Кејт Брнз.

Петровска: Со зачленувањето во НАТО, покрај гаранциите за безбедност, се обезбеди и сигурност за домашните компании при договори со странски фирми

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска апелираше до компаниите и стопанските комори, да ја засилат соработката и максимално да ја искористат можноста за влез на нашите бизниси на пазарот на НАТО.

Како што истакна Петровска во обраќањето на настанот „Денот на НАТО – 4 Април“, членството во Алијансата не подразбира само безбедност и сигурност на државата, туку и гаранција за инвестициите, нов пазар, нови можности, прогрес и шанса за бизнисот.

-Со зачленувањето во НАТО, покрај гаранциите за безбедност, се обезбеди и сигурност за домашните компании при склучувањето партнерства со странски фирми. Дополнително, се отвори и можноста за нашите компании активно да учествуваат на јавните набавки кои се објавуваат од НАТО агенциите за набавки. Досега, постапката за регистрација за учество на НАТО-јавните набавки ја имаат направено 13 компании. Но, јас ве охрабрувам заедно да ги искоритиме овие можности. За оваа цел, компаниите имаат вистински партнер во Министерството за одбрана во чии рамки е воспоставен Центарот за поддршка на македонските компании за пробив на НАТО пазарот. Овој центар ќе го зајакнеме и со луѓе и со експертиза. Ги повикувам компаниите и коморите на соработка – да ја искористиме можноста најдобро што можеме, нашите бизниси да влезат на пазарот на НАТО, потенцира министерката.

Според неа, безбедноста гарантира зголемување на економскиот раст.

-Членството во НАТО носи нови можности, нов пазар и побрз прогрес. Тоа е и гарант за нови инвестиции, најголема шанса за нашата бизнис заедница и компаниите да учествуваат во големиот синџир на набавки и снабдувања со производи и услуги за потребите на НАТО, додаде министерката.

Во обраќањето, таа повтори дека нашата земја одамна го трасираше патот кон НАТО, а по речиси три децении ја мина и целта што, гледано од денешна перспектива, потврдува дека како држава сме ја направиле вистинската одлука.

-Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да не поколеба. За сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници, подвлече министерката.

На настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ што го организираше Евроатлантскиот совет на Македонија, освен министерката Петровска, се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Евроатланскиот совет, Исмет Рамадани и американската амбасадорка Кејт Брнз.