По пауза од две години поради пандемијата, Делфи економски форум, се враќа во градот Делфи, каде што по седми пат ќе се одржи годишната конференција, на која ќе учествува и владина делегација предводена од претседателот на Владата на Македонија Димитар Ковачевски, јави дописничката на МИА од Атина.

Форумот започнува денеска и ќе трае до 9 април, а според официјалната агенда, на посебни панел дискусии, освен премиерот, ќе говорат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими , министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Делфи економскиот форум е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која денеска ќе го отвори форумот, а на свеченото отворање, онлајн обраќање ќе имаат и вселенскиот патријарх Вартоломеј и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Попладнево, министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини ќе дискутира со директорот на грчкиот Институт за одржлив развој, додека пак утре безбедносните прашања ќе бидат во фокусот на панелот на кој ќе учествува министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со доцент од германски Универзитет и членови на Меѓународниот центар Низами Ганџави.

В петок, на три различни панели е учеството на заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања, на министерот за финансии Фатмир Бесими и на министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот Бесими во петок ќе дискутира со претседателот на Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина и Западен Балкан Мирослав Лајчак, заменик – помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар,  поранешниот специјален претставник на САД, Курт Волкер, и со претседателот на трговската и индустриска комора на Србија Марко Чадеж, ќе говорат за стабилноста на Западен Балкан.

За тоа „Како украинската криза влијае врз економиите во нашиот регион“, министерот Бектеши ќе учествува на дискусија со генералниот секретар за меѓународни економски прашања од грчкото МНР, со програмскиот менаџер на Светската банка за јужна Европа и професор од Економскиот факултет во Белград.

Во сабота, на последниот ден од форумот е закажано учеството на премиери од повеќе земји, меѓу кои и Ковачевски кој ќе дискутира со новинар од грчкиот весник „Та неа“.

Истиот ден, на посебни, одделни панели ќе учествуваат и премиерите на Грција, на Бугарија, на Црна гора, како и претставници на Европската Унија.

Претходно, шефот на дипломатијата Бујар Османи заедно со министрите за надворешни работи на Грција, Словачка и Косово, исто така, во сабота, ќе дискутираат на тема „Европа по Украина“.

На седмиот Делфи економскиот форум насловен „New Realities“ потврдени се 780 говорители од 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството, културата итн.

Претседателот и потпретседателот на Форумот, минатата седмица на прес – конференција ја презентираа програмата, истакнаа дека целта е да се покријат сите теми, а оваа година поради војната, голем дел ќе биде посветена на Украина, но и на геополитички предизвици.

Со оглед на тоа дека присутни ќе бидат премиерите на Северна Македонија, на Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, и оваа година предвиден е посебен дел посветен на Западен Балкан, нешто што го потврди и основачот и претседател на Форумот Симеон Цомокос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Потврдено е учеството и на комесари и претставници од Европската Унија. Освен низата панел дискусии, планирани се и затворени настани, од кои еден ќе биде посветен на Турција.

Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања во Југоисточна Европа и Источниот Медитеран, но и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион.

Лани, Економскиот Форум од Делфи го организираше Првиот економски Форум во Скопје, а оваа година, на 6 јуни ќе се одржи вториот.

Освен во Скопје, планирани се економски форуми и во други градови од регионот, односно во Тирана (10 мај), во Софија (20 мај) и во Белград (6-7 октомври).