Сакам да им се заблагодарам на сите Французи кои ми го дадоа својот глас. Никогаш не заборавајте дека кога народот гласа, народот победува, изјави кандидатката за претседател на Франција Марин Ле Пен.
Ле Пен оваа објава на својот профил на Фејсбук ја илустрира и со фотографија од нејзиниот штаб од каде ги следеа резултатите од денешните избори.
Според првичните излезни анкети од денешното гласање Макрон освоил 28,1 отсто од гласовите, додека за Ле Пен се определиле 23,3 отсто од гласачите
Во своето прво обраќање по првиот изборен круг, кандидатката на десницата, Ле Пен, рече дека со голема чест ќе застане против нејзиниот противкандидат, актуелниот француски претседател, Емануел Макрон, во вториот круг на изборите што ќе се одржи на 24 април.
Ле Пен рече дека ќе се бори против визијата на Макрон за Европа што, како што рече, оди против суверените нации и луѓето кои сакаат да носат свои одлуки.
Таа ги повика сите кои не гласале за Макрон да гласаат за неа во вториот круг.
Ле Пен рече дека ќе биде претседателка на сите Французи доколку биде избрана во вториот круг и дека ќе врши контрола на имиграцијата и ќе се грижи за безбедноста на сите граѓани.
– Сакам да одлучиме дека Французите ќе бидат суверени и дека нашите мажи и жени ќе одлучат за тоа, а сакам да ве слушаат оние кои често ве заборавале. Сакам да се борам против поделбите што ни се наметнати и сето тоа сакам да го поништам за пет години, рече Ле Пен во своето обраќање.
Ле Пен и Макрон во вториот круг од претседателските избори влегуваат со тесна разлика. Според излезните анкети на Ипсос од денешното гласање, Макрон освоил 28,1 отсто од гласовите, додека за Ле Пен се определиле 23,3 проценти од француските граѓани кои гласаа денеска.
На трето место, со околу 20 отсто од гласовите е левичарот, Жан Лук Меленшон.