Ударна група на Американска воена морнарица предводена од носачот на авиони „Абрахам Линколн“ се наоѓа во водите на Корејскиот Полуостров, соопшти претставник на воените власти во Вашингтон.
Тој изјавил дека флотата се наоѓа во Јапонското Море познато и како Источно Море, на вежби со јапонските воени сили во знак на поддршка на сојузниците и партнерите до регионот.
Маневрите се одвиваат во време на растечка згриженост кај американската администрација од можна подземна нуклеарна проба на оружените сили на Северна Кореја.
Ова е првпат од 2017 година група американски носачи на авиони да бидат разместени во меѓународните води меѓу Јужна Кореја и Јапонија.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ пренесува изјава на неименувани разузнавачки извори дека „Абрахам Линколн“ ќе биде оперативен во регионот за период од три до пет дена.
Одговарајќи на јужнокорејски медиуми, портпарол на Американските сили во Кореја вчера изјави дека не може да ги коментира планираните или престојните маневри.
Советници на новоизбраниот јужнокорејски претседател за време на неговата посета на Вашингтон минатата седмица побарале распоредување американски стратегиски капацитети, како што се носачи на авиони, нуклеарни бомбардери и подморници на Корејскиот Полуостров.
Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека е свесно за фактот дека група носачи на авиони се наоѓа во меѓународните води, но одби да ги коментира извештаите дека се работи за американски воени капацитети.
Северна Кореја претходно ги критикуваше американските воени вежби како проба за воени дејствија, тврдејќи дека на тој начин само придонесуваат за јакнење на тензиите во регионот.