Финска денеска ја почнува дебата што може да доведе до тоа земјата да поднесе барање за членство во НАТО во рок од неколку недели, јави Би-Би-Си.
Извештајот направен по барање на владата, а објавен денеска, ја истражува во основа променетата безбедносна средина, наведува финското Министерство за надворешни работи за процедурата што ќе треба да мине низ Парламентот.
Почетокот на јавната расправа е планиран за недела дена подоцна, наведува Би-Би-Си.
До неодамна, мнозинството Финци не сакаа членство во НАТО, но, руската инвазија на Украина ги натера на некои преиспитувања на ставовите. Најновите анкети покажуваат дека сега мнозинството дава поддршка за членството во Алијансата.
Британскиот медиум потсетува дека Русија ги предупреди и Финска и Шведска, дека е против нивно придружување на НАТО. Според Русија, потегот нема да ѝ донесе стабилност на Европа.