Руското Министерство за одбрана соопшти дека животите на украинските сили кои се уште се борат во Мариупол ќе бидат поштедени доколку го положат оружјето во 6 часот наутро по московско време, пренесуваат странските агенции.
Русија претходно соопшти дека ги исчистила од отпор сите урбани области во Мариупол.
Се додава дека останатите борци во опколениот пристанишен град, за кои Русија вели дека се и украински и странски, се блокирани во фабриката за челик Азовстал.
Генерал полковник Михаил Мизинцев, директор на Рускиот национален центар за управување со одбраната, рече дека понудата на Москва е поттикната од катастрофалната ситуација во фабриката, како и од чисто хумани принципи.
– Гарантираме дека животите на сите кои ќе го положат оружјето ќе бидат поштедени, рече тој.
Според условите на предложениот договор, преостанатите бранители во фабриката треба да ја напуштат во периодот од 6 до 13 часот по московско време, без оружје и муниција.