Бугарскиот премиер Кирил Петков, по посетата на Киев, ќе престојува во Романија, каде ќе се сретне со неговиот колега Николае Чука и со романскиот претседател Клаус Јоханис, јави дописникот на МИА од Софија.
На средбите ќе бидат продлабочени билатералните односи, регионалната соработка и реализацијата на голем број инфраструктурни и енергетски проекти кои имаат корист за поврзувањето и безбедноста во регионот, вклучително и во контекст на војната во Украина.
За време на официјалната посета, се очекува Петков и Чука да разговараат за проекти во однос на поврзувањето на Бугарија и Романија, како што е изградбата на трет мост на Дунав.
Во делегацијата, предводена од Петков, ќе бидат и вицепремиерот за европски фондови и министер за финансии Асен Василев, вицепремиерот за климатска политика и министер за животна средина и води Борислав Сандов, министерот за одбрана Драгомир Заков, министерот за енергетика Александар Николов и заменик министерот за енергетика, транспорт и врски Владимир Варбанов.