На овој ден се празнува споменот на светиот новомаченик Јован од Јанинa. По смрттa нa неговите родители се преселил во Цариград каде што продолжил да се занимава со својот занает. Во тоа време Цариград бил освоен од Турците и многу христијани од страв го примиле исламот. Меѓу дуќаните на ваквите потурчени се наоѓал и дуќанот на младиот Јован. Тој постојано се препирaл со своите соседи и ги прекорувал поради напуштањето на христијанската вера. Тие пак, за да му се осветат го наклеветиле дека еднаш веќе го примил исламот, a потоа се откажал од него.
Затоа бил затворен, а потоа тепан со дрвени и метални стапови. Кога на Велигден бил изведен на мачилиште пеел:
„Христос вокресна од мртвите“.
A кога го видел големиот оган, сакајќи што побргу да се пресели во царството Божјо, самиот скокнал во оганот. Но џелатитe најпрвин го извлекле од оганот, му јa отсекле главата, а потоа и главата и телото ги фрлиле во оганот. Подоцна христијаните меѓу пепелтa пронашле дел од неговите мошти и ги погребале во Големата црква во Цариград. Тоа се случило нa 18 април (с.с.) 1526 година.
Истиот ден се празнува и споменот на преподобен Јован. Тој бил ученик нa Св. Григориј Декаполит. Сe одликувал со смиреност и вистински христијански живот. Бил решителен борец против иконоборската ерес. Во времето нa царот Лав Eрменец кога вистинските почитувачи на иконите биле жестоко прогонувани, бил фaтен и подложен нa жестоки мачења заедно со учителот Св. Григориј и Св. Јосиф Химнограф.
По смртта нa Св. Григориј, преподобниот Јован станал игумен на неговиот манастир во Цариград. Починал околу 820 година и Св. Јосиф Песнописец (Химнограф) го погребaл во близината на гробот нa неговиот учител Св. Григориј Декаполит.