Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски вечерва во дебатниот магазин Клик плус на ТВ21 истакна дека додека тој растел, Ванчо Михајлов бил синоним за самостојна и независна Македонија.
Тој истакна дека Ванчо Михајлов сакал да ја прогласи Пиринска Македонија за независна држава, а имал поддршка од Бугарите.
Според Георгиевски, сите лаги во македонската историографија биле измислени од бугарските комунисти во борбата против Ванчо Михајлов.
-Мене ми е жал што во македонската историографија некои работи или едноставно немаме интерес или не сакаме да ги читаме. Сите тие лаги се измислени од бугарските комунисти во борбата против Ванчо Михајлов, вели Георгиевски.
Тој вели дека името ВМРО е име кое Тодор Александров и Ванчо Михајлов го поставуваат на меѓународната сцена, а двајцата се „синоним за автономна, самостојна и обединета Македонија“.
-Во времето на Гоце, Даме, историските личности, тоа беше ВМРО. Самото име е име на Александров и Михајлов. Тие сами по себе беа контроверзни и ги спомнувавме во пакет. Со тек на времето, Александров доби легитимитет и го рехабилитираа. Кога зборуваме за Ванчо Михајлов, не зборуваме за да му се постави улица, но не можете да го етикетирате во македонската историја, затоа што тоа се двајцата лидери на ВМРО кои го држат македонското прашање меѓу двете светски војни. Тие се двајцата лидери чии имиња се синоним за автономна, самостојна и обединета Македонија, рече Георгиевски
Тој во дебатниот магазин Клик плус се осврна и на односите со Албанците и истакна дека никогаш во неговите говори немал зборувано ништо лошо за Албанците.
– Вие ако ги видите сите први основачки собранија кои ги правевме во Македонија, никаде јас немам напад врз Албанците, рече Георгиевски.