Пред 23 година, на 4 мај 2001 година, во Скопје на 78-годишна возраст умрела Васка Илиева, една од најпрочуените пејачки на македонски народни песни.
Меѓу многубројните антологиски хитови и денес препознатливи се „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Излегол Невен Пејо“, „Сестра моли брата за вечера“, „Судбо моја судбино“, „Сношти појдов мила мамо“, „Кој што ме чуе да пеам“, „И ние сме деца на мајката земја“, „Четворица комити“, „Кога падна на Пирина“, „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи мајко, не жалај“, „Кога се мажеше што ти се чинеше“, „Врати се мило либе“, „Земјо Македонска“…
Васка Илиева е родена во скопската населба Чаир на 21 декември 1923 г. во семејство на музичари. Нејзиниот татко, Тодор Бошков Велков, бил познат гајдаџија. Васка Илиева својата музичка кариера ја започнува пред 1950 г. во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.
Поради ненадминатиот стил на пеење и неповторливиот глас, Илиева многу брзо станува многу популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во тогашна Југославија, како и секаде во светот каде што живеат Македонци.
За време на долгата музичка кариера, во Република Македонија и насекаде по светот каде што живеат Македонци ја нарекуваа „Жива легенда“ на македонската народна песна, „Кралица на македонската народна песна“, како и „Амбасадор на македонската народна музика“.
Илиева остави зад себе богато културно и духовно наследство.
(Подготви: Д. Г.)