Мицкоски е коректен и прав кога вели дека нема да поддржи Бугарите да влезат во Уставот ако нема гаранција за Македонија, изјави претседателот Стево Пендаровски за Канал 5.

Пендаровски рече дека ако од Бугарија велат дека сакаат промена на Уставот, на ист начин треба да кажат дека ќе се обврзат дека нема да бараат ново барање.

– Ако вие ми кажете дека сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите во Македонија, јас немам проблем со тоа, но на кој начин. Тие мислат дека треба да биде на самиот почеток, да го смениме Уставот и тоа за нив да биде најголема гаранција, јас мислам дека тоа е еден тип на уцена. И во тој дел треба сме чесни и да признаеме дека македонската опозиција има коректна позиција. Власта и опозицијата имаат идентична позиција за гаранции, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека на почетокот да ги внесеме Бугарите и после да речат дека имаат и друго барање, и трето и петто, тоа може да биде повеќекратно вето.

– Ние мораме да имаме некаква гаранција и од Бугарија и од Брисел дека ова ќе биде последното барање. До овој момент нема позитивни сигнали од Софија, нагласи Пендаровски.

Според него, шансите за кревање на бугарското вето во јуни се помалку од 50%.

Вели дека нарушувањето во односите почнало откако ги примил на средба претставниците од ОМО Илинден Пирин. Според Пендаровски, оттогаш бугарската страна се врати на стариот вокабулар.

„Мислам дека Петков бидејќи беше фронтално напаѓан во владата и него му требаше да ја засили политичката референца“, вели Пендаровски во „Само интервју“ на Канал 5.

Претседателот потенцира дека ниту една земја-членка на ЕУ не ги разбира бугарските аргументи.