Шеесет и една семејна винарија ќе добијат грантови до 10 илјади евра, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски на манифестацијата ,,Ден на станушината“ во Кавадарци. Тој информираше дека сигнале 63 апликации, а интересот бил голем. Комисијата оценила дека 61 апликација се соодветни и комплетни.
– Иако на почетокот на годината имавме само пет милиони денари на оваа ставка или пет милиони денари како дел од оваа програма, кога го видовме интересот, ние бевме должни да обезбедиме дополнителни средства за да го завршиме успешно овој прв проект на поддршка, историска на малите винарии. Затоа како Министерството, со поддршка на МФ, направивме пренамена и обезбедивме дополнителни 30 милиони денари. Министерството во следните 14 дена ќе склучи договор и во следните 14 дена стопосто овие средства ќе бидат исплатени, нагласи министерот.
Тој појасни дека вкупно 34 милиони и 500 илјади денари ќе бидат исплатени во следните две недели.
– Верувам тоа ќе го зголеми капацитетот, тоа ќе донесе нова опрема, нови инвестиции, нови можности за овие винарии да бидат одличен пример за новите програми кои веќе со ребалансот на буџет ги добиваме. Тоа ќе биде продолжеток на оваа успешна приказна и на оваа успешна политика, дециден беше Николовски, осврнувајќи се и на програмите и законските измени кои беа направени, со цел олеснувања во овој сектор.
Честитајќи го денешниот ден на автохтоната македонска сорта на грозје, станушината, тој рече дека малите семејни винарии во иднина ќе бидат поддржани преку Програмата за рурален развој на Министерството.
– Има огромен интерес од малите семејни винарии за нивна поддршка од страна на државата. Ова со грантовите е една од мерките којашто ја анализираме во првите сто дена од оваа Влада, нагласи Николовски.
Тој информираше дека завршува постапката пред Комисијата во Министерството, којашто ги оценува сите апликации пристигнати на повикот којшто беше распишан за поддршка на мали семејни винарии со грантови до 10 илјади евра, за опрема, за зголемување на производствените капацитети, за инвестиции. Тоа се средства коишто ќе ги добијат стопроцентно авансно.
Министерот рече дека во Здружението ,,Тиквешки семејни винарии” членуваат мали винарници од целата држава. Тој рече дека е ова успешна приказна.
– Со упорност и со поддршка на пратениците ги поминавме измените на Законот за вино, за да денеска имаме близу 100 барања од регистрирани капацитети коишто откупуваат, коишто прават, произведуваат од македонското грозје, убаво наше вино. Јас очекувам дека оваа година малите семејни винарии ќе откупат значителен дел на македонското грозје и нашата поддршка секако дека ќе продолжи. Не само измените во Законот за виното, се донесоа правилници за флексибилност, се иницираше преку пратениците и нови програми, како овие винарии да бидат поддржани на почетокот како старт ап, истакна министерот.
Манифестацијата ,,Ден на станушината”, автохтона македонска сорта на грозје ја организираат „Тиквешки семејни винарии” со поддршка на кавадаречката локална самоуправа.
Во рамки на посетата на Кавадарци, министерот ја посети и најстарата урбана винова лоза во државата, стара 120 години. За лозата, лозарството и винарството кои отсекогаш се негувале на овие простори, говореше историчарот Петре Камчевски.