Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 28 април.
Денеска е Св. апостоли Јасон и Сосипатар.
Свети Јасон потекнувал од Тарс, родниот град на апостол Павле кој се наоѓал на долниот дел од Мала Азија. Сосипатар пак, од Ахаја. Нив Павле ги спомнува во Посланието до Римјаните. Јасон бил епископ во Тарс, а Сосипатар во Иконија, во малоазиската област Ликаонија. Заедничката судбина ги носи на островот Керкира (денес Крф), каде што го посеале семето на евангелската проповед.
Заради тоа два пати биле затворани, дури и мачени, но од затворот и двата пати излегуваат неповредени, а нивното лично сведочење станува столб од светлина на островот Керкира. Подоцна, тие се разделиле и се вратиле во местата каде биле поставени за епископи. Таму и го завршиле животот во длабока старост.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Игнациј од Лаконија
Бил роден во 1701 година, во Лаконија, во Италија. На 18-годишна возраст се разболел. Тогаш се заколнал дека, доколку Мајката Божја му помогне да оздраве, ќе стапи во редот на капуцините. Игнациј оздравел, но заборавил на ветувањето.
Многу се исплашил кога јавал на коњ и можел да падне во провалија. Тогаш се присетил на ветувањето и станал свештеник. Умрел во 1781 година.