Признавањето на Охридската архиепископија е логичен и очекуван потег на Вселенската патријаршија, оценува професорот по политички науки на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Искрен Иванов, во изјава за дописникот на МИА од Софија.
Според него, овој потег може да се толкува на два начина – дека вселенскиот патријарх е свесен оти Охридската архиепископија е целосно подготвена да стекне црковна независност, и дека тоа треба да се направи бидејќи историски Константинопол отсекогаш се однесувал благонаклоно кон желбата на оделни цркви да добијат томос штом тие биле подготвени да го добијат.
Примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е чин со кој патријархот Вартоломеј се обидува да изгради и одбранбен ѕид против агресивната политика на Руската православна црква, која настојува да изврши духовна колонизација на Западен Балкан, вели Иванов.
На прашањето на МИА што значи одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј и дали претставува чекор кон автокефален статус, вонреден професор Костадин Нушев од Богословскиот факултет при софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, одговори дека одлуката на Вселенската патријаршија да го поништи „расколот“ наметнат на Македонската православна црква во 1967 година, кога таа еднострано се одвои од Српската црква прогласувајќи се за независна и автокефална, е чекор кон надминување на изолацијата и стекнување канонски статус, кој е неопходен за определување и воспоставување автокефален или друг статус.
Оваа одлука не претставува давање томос за автокефалност, но е прв чекор кон конечното признавање на канонското устројство и управување на МПЦ, што треба да се договори со СПЦ и дури потоа да се премине на доделување на томос.
Според доцент Нушев, се уште нема томос и се уште не е јасно од каде може да дојде, од Белград или од Цариград!? Од тоа, според него, најверојатно ќе зависи конечното определување на името на помесната православна црква во Македонија.
За односот, пак, на Бугарската православна црква, професорот Искрен Иванов, смета дека признавањето на МПЦ е света должност на БПЦ. Тој е дециден дека политичките разлики не треба да влијаат на религиозните односи меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи тоа е една од ретките работи што ги обединува. Патријархот Неофит има одлични односи со архиепископот Стефан и добро е тоа да остане така. Признавањето на МПЦ е шанса БПЦ да излезе од изолацијата во која западна откако не отиде на Соборот на Крит во 2016 година, додава Иванов.
За истото прашање, доцент Нушев потсетува дека во 2017 година МПЦ се обрати до Бугарската патријаршија за решавање на црковното прашање и отстранување на расколот, како и за помош пред Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност. Тогаш беше изразена принципиелна поддршка за овој процес, бидејќи архиереите на Бугарската православна црква укажаа на потребата да се следи овој редослед на решавање споровите и добивање канонски статус за МПЦ – прво отстранување на расколот, а потоа разгледување на можноста за добивање автокефален статус на помесната православна црква во Република Македонија.
Со оваа одлука на Фанар, се покажува дека по поднесената апелациска молба во 2018 година за решавање на спорот со Српската црква до Првата по ранг Цариградска патријаршија, и објавената одлука како одговор на Мајката Црква на ова барање, оваа прва фаза со укинувањето на расколот може да се смета за решена. Како ќе продолжи процесот за конечно добивање статус на самостојна помесна црква зависи од реакциите на Српската црква која го наметна расколот, како и на другите помесни православни цркви.
Во наредните денови и недели, според соговорниците на МИА во Софија, останува да се види како ќе се сфати оваа одлука на Вселенската православна црква – позитивно или негативно. Сепак, додека трае овој процес и додека се расчистуваат деталите за неопходните одлуки за овој сложен канонски случај, тие сметаат дека треба да продолжат добрите односи и знаците на взаемно братољубие меѓу свештенството од двете помесни цркви Бугарската и Македонската, како што беа и досега пред остранувањето на расколот.