На Армискиот полигон „Криволак“ утре ќе се реализира Ден за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22“ („Swift Response 22“), при што ќе бидат презентирани воздухопловно-десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на Македонија, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Црна Гора, Грција и Албанија.

На денот за високи гости, како што најавија од армискиот Генералштаб, меѓу другите ќе присуствуваат и шефот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, собранискиот претседател Талат Џафери, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Велика Британија, Италија, Франција, Албанија и Црна Гора, заменик на командантот на американската Армија за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Во рамки на Денот за високи гости предвидени се обраќања на министерката Славјанка Петровска, заменик командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Ендрусиак и командантот на борбениот тим на британската 16. Воздухопловна бригада, бригадир Николас Коули.

„Брз одговор 22“ е досега најголема мултинационална вежба во земјава од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која ќе се реализираат воздушни десанти во овој обем.

Вежбата ќе има особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста и оспособеноста за заедничко дејствување со сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции, како и демонстрирање на капацитетите на Армискиот полигон „Криволак“ за изведување и на ваков вид на воени вежби, се додава во соопштението.