Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.
Борел ова го изјави вечерва на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан за прв пат.
-Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, изјави Борел вечерва од Брисел.
Тој потсети и дека Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.
-Треба да започнеме преговори со … Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо, рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.
За Борел процесот на кандидатура на Украина не е поврзан со процесот на проширување кон Западен Балкан.
На прашање дали се разгледува економска и финансиска помош за Македонија и регионот поради последиците што ги трпат овие земји, Борел истакна дека не влегле во детали на оваа тема денеска.
-Знаеме дека … Македонија и други ќе имаат потреба од макрофинансиска помош, ќе го инкорпорираме Западниот Балкан во нашиот одговор на кризата, но да бидам искрен, не навлеговме во ниту едно прашање за компензации или макрофинансиска помош поради санкциите специфично, порача Жозеп Борел.
Тој претходно повика да не се смета кризата како последица од санкциите, туку од војната на Русија, и оцени дека треба да води битка во делот на „наративот“ околу санкциите, исто така.