Пакистанската Влада издаде наредба најмалку 18 меѓународни организации за заштита на човековите права да ја прекинат дејноста и да ја напуштат земјата во рок од два месеца, јави германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на неименуван извор од пакистанското Министерство за внатрешни работи.
Меѓу организациите кои треба да го напуштат Пакистан се Акција за помош, Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос, Спасете ги децата и Меѓународен план.
За таквата владина одлука нема конкретна причина, но според претставници на пакситанските тајни служби, невладините организации се покритие за шпионажа во корист на странски земји, меѓу кои и САД.
Актуелната наредба е дел од кампањата на пакистанската Влада, што почна пред три години за протерување на невладините организации. Слична наредба беше издадена и во декември од претходнта влада.
Организациите кои ќе треба да ја прекинат дејноста во Пакистан ќе можат повторно да се регистираат само ако ги исполнат строгите услови на пакистанската Влада.
Одлуката на Владата е поврзана со извештајот на пакистанските тајни служби во кој се наведува дека Спасете ги децата организирала лажна кампања за вакцинација, која и помогнала на американската разузнавачка служба да го лоцира и да го елиминира лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен во 2011 година.
Организацијата Спасете ги децата ги демантира обвинувањата на пакистанските власти, додека лекарот што ги вакцинираше децата се уште е во затвор.