Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе продолжи да го блокира пристапот на Финска и Шведска во НАТО.
Ердоган, како што објави РСЕ, рече дека состаноците оваа недела со финската и шведската делегација не биле „на очекуваното ниво“, истакнувајќи дека не биле преземени чекори за ублажување на безбедносните грижи на Турција.
– Се додека Таип Ердоган е на чело на Република Турција, не можеме да кажеме „да“ на земјите што го поддржуваат тероризмот да се приклучат кон НАТО, им рече тој на новинарите во неговиот авион по посетата на Азербејџан во саботата, пренесува весникот Хуриет.
Турција се спротивстави на кандидатурите на Финска и Шведска за членство, критикувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи како Курдската работничка партија и други кои ги смета за терористи.
– Тие не се чесни или искрени. Не можеме да ја повториме грешката направена во минатото во однос на земјите што прифаќаат и хранат такви терористи во НАТО, која е безбедносна организација, рече тој.
Зошто Турција е претпазлива за кандидатурите на нордиските држави за НАТО?
Шведска и Финска рекоа дека го осудуваат тероризмот и ја поздравија можноста за координација со Анкара.
Сите членки на НАТО мора да го одобрат влезот на двете нордиски земји да се приклучат на алијансата, чијашто кандидатура беше поттикната поради загрижноста од руската инвазија врз Украина.
Турција, која командува со втората по големина армија во алијансата, рече дека нема да дозволи нивно пристапување доколку не се преземат чекори, вклучително и укинување на ограничувањата за продажба на оружје на Турција.
Ердоган најави дека ќе разговара телефонски со руските и украинските лидери на 30 мај.
Извор: РСЕ