Македонските власти остро го осудија опожарувањето на влезот на културниот центар на бугарската заедница „Иван Михајлов“ во Битола. За бугарските политичари тоа претставува уште една провокација.

Овој центар, чие отворање предизвика незадоволство и остро негодување кај македонските политичари и граѓани, е опожарен во раните утрински часови. Запалени се двете влезни врати и натписот на кој пишуваше „Иван Михајлов“, сторителите се непознати, а полицијата рано утрината започна увид.

Опожарувањето на бугарскиот културен центар во Битола веднаш го осудија македонското јавно обвинителство и министерството за надворешни работи. МНР оцени дека овој „вандалски напад е уште еден доказ оти има многу актери кои се против напредокот во односите меѓу … Македонија и Бугарија и заедничката европска иднина“.

„Ова кривично дело неслучајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на … Македонија“, се наведува во соопштението на МНР и се нагласува дека надлежните органи „прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“.

Остри осуди преку Фејсбук упатија и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски:

„Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.”, порача Пендаровски.

Ковачевски пак истакнува: „Го осудувам палењето на објектот на Центарот на бугарската заедница во Битола. Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо. Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите“.

Преку Фејсбук реагираше  потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која говори за уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започна веднаш по отворањето на клубот. „Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности, додаде потпретседателката на Бугарија во својата објава на Фејсбук.