На 17 јуни 1915 година во Петрич во Пиринска Македонија е роден Васил Григоров Василев (Цветков), македонски борец, учесник во партизанското и антифашистичко движење во Пиринска, во Егејска и во Вардарска Македонија.
Заедно со Атанас Атанасов е еден од двајцата претставници на Македонци од Пиринска Македонија, учесници на сите три заседанија на АСНОМ, што е уште една потврда дека борбата на македонските партизани била за независна и обединета Македонија.
Василев бил еден од основачите на Петричкиот партизански одред „Антон Попов“. Учествувал на сите три заседанија на АСНОМ, а во 1949 година бил уапсен од бугарската „државна безбедност“ во Петрич, со обвинување дека агитирал за присоединувањето на Пиринска Македонија кон тогашна Народна Република Македонија.
Василев е македонски борец во македонското антифашистичката борба и се борел во сите делови од Македонија – Пиринска, Егејска, и во Вардарска.
Најпрво бил борец во Петричкиот партизански одред „Антон Попов“, а потоа од јануари 1944 година е учесник во борбите на македонските партизани во Егејска и Вардарска Македонија, и бил политички комесар на партизанските единици во Втората и Четиринаесетата македонска бригада.
Круна на неговата борба за слободна и обединета Македонија е учеството на АСНОМ.
Васил Григоров Василев доживеал длабока старост и починал на 91 годишна возраст во 2006 година во родниот Петрич.
Најголема желба на неговото семејство било да му биде подигната спомен плоча на која би го пишувало неговото име и натпис – учесник на Првото, Второто и Третото заседание на АСНОМ.
Сојузот на борците на Македонија во 2006 година барал од македонската држава да биде подигната спомен плоча на Василев која била желба и на неговото семејство, но барањето останало без одговор, заглавено во некои бирократски архиви.
– Секој македонски патриот ја има истата желба, затоа и ние ја повикуваме Македонија да му искаже почит на Василев како прекален македонски борец и патриот, и учесник на трите заседанија на АСНОМ, и да му биде подигната спомен плоча за заслуги за неговата борба за Македонија, побараа од ОМО Илинден Пирин.
(Подготвил: Д.Г.)