Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека полицијата го спречила синоќешниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“, кога едно лице впери пиштол, а други фрлаа со предмети кон граѓаните што протестираа, повикувајќи да се погледнат видеата од настанот.
Спасовски покажа и фотографија на која се гледа реакција на полициски службеник кон лицето со пиштол и други лица. Според него, полицијата спречила инцидент кој можел да има поголеми размери. Но, јавноста синоќа имаше можност на социјалните мрежи да види видео (линкот е најдолу во текстов) од целиот настан кај споменикот Скендербег, а тоа не кореспондира со сликата од Спасовски за реакцијата на полицијата.
– Ќе видите дека полицијата го спречила инцидентот и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата коишто беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам кај што полицијата интервенира на лице место. Не треба да дојде до ова секако. За да не дојде до ова секој еден граѓанин мора да знае дека мирни протести мора да бидат, рече Спасовски кој беше во посета на Идризово.
Никому, како што кажа, не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност на ниту еден граѓанин во државата и побара никој да не оправдува вадење на огнено оружје во јавност. Апелираше на мирни протести.
– Апсолутно можеше да дојде до многу поголеми последици. Затоа апелирам и до граѓани и до политичките субјекти и сите коишто учествуваат на протестите да бидат на мирни протести. Вандализмот и насилството нема да даде резултати во ниту еден случај и тоа за која било тема или постапка да интервенираме во јавноста, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи беше дециден дека таму имало рапсоредено довоелн број полициски службеници, како и инспектори.
Лицето што фрли молотов коктел кон Собранието, според Спасовски, е веќе уапсено.
– За тоа работат службите со уапсениот, се земаат изјави, се разговара и кога ќе ги имаме сите детали во однос на овој случај ќе биде соопштено, рече Спасовски.
Според него, оперативни сознанија за можни инциденти има секаде каде што се движат или престојуваат лица што одат на протестите.
Верувајте и на фотографијата што ја покажа Спасовски за настанот, но и на видеото од целиот настан и „брзата реакција“ на полицијата кај Скендербег ТУКА.