Годишната инфлација во Грција во месец јуни со 12,1 отсто бележи нов рекорд со оглед на тоа дека е највисока во изминатите најмалку 25 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Грчката служба за статистиката, за една година, од јуни 2021 година, до јуни годинава, најголемо зголемување на цените има кај природниот гас за 117,7 отсто, на електричната енергија за 70,4 проценти, нафтата за греење се зголемила за 65,1 отсто, а зголемување на цените има и кај прехранбените продукти.

Маслата и мастите се поскапи за 24,9 проценти, лебот и житните производи за 15,9 отсто, млечните производи и јајцата за 15,5 проценти, месото е за 14,9 отсто, а зеленчукот и овошјето за 11,3, односно 9,3 проценти.

Индексот на потрошувачки цени во јуни 2022 година се зголемил за 1,6 проценти споредбено со претходниот месец и најголем е кај такси превозот (32,9 отсто) и авионскиот транспорт (35,4 проценти), а намалување има кај природниот гас (7,5 проценти) и кај струјата (за 5,4 отсто).

Годишната инфлација во Грција во март беше 8,9 отсто, во април 10,2 отсто, а во мај 11,3 проценти.