Спасувачката акција по третиот исчезнат Македонец на Халкидики продолжува и денеска во полн капацитет – со хеликоптер и бродови. Надежите за негово пронаоѓање сè повеќе се намалуваат бидејќи тој е исчезнат во водите на морето околу 40 часа. Потрагата не запира и покрај влошените временски услови. Спасувачките екипи во потрагата ќе вклучат и специјален подводен дрон но дури иоткако ќе се подобрат временските услови.
Денеска ќе пристигне и неговото семејство од САД. Мартин е последниот од групата кој и понатаму се води како исчезнат, а властите и волонтерите се борат со невремето во надеж дека тој ќе биде пронајден. Овој немил настан се случи откако во саботата тројцата Македонци кои што славеле роденден на Халкидики, влегле во морето да се капат, без да ги земат предвид ветерот и брановите. Момчињата не знаеле дека во овој дел пливањето е забрането и не се препорачува поради силните морски струи. Сепак соодветни укажувања и знаци на плажата за ова немало поставено.
Плажата Мити на Посеиди важи за мошне опасна, затоа што таму се спојуваат Солунскиот Залив со Егејското Море, а заради плимата и осеката обликот на плажата во целост се менува, но се менува и движењето на морските струи.
Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека се во постојан контакт со грчките служби. Порачуваат дека секоја информација оттаму навремено ќе биде споделена и изразуваат благодарност за вложените напори во истрагата…
Нашите претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и секоја информација навремено ќе биде пренесена, велат од МНР и упатуваат благодарност до крајбрежната стража на Грција, грчкото воено воздухопловство и локалното население/волонтерите вклучени во потрагата за нивниот неизмерен труд и пожртвуваност.
Две од момчињата беа спасени и се надвор од животна опасност. Првото уште во саботата, а второто вчера по поминати дури 20 часови во морските води. 30-годишниот Иван успеал да преживее меѓу другото и благодарение на помала топка која случајно дошла до него. Тој беше пронајден дури на 25км. од брегот што само покажува колку многу биле силни струите во тој дел на морето. Потрагата продолжува а грчките медиуми денеска јавуваат за нов сличен случај на плажата Милос на Лефкада каде исчезнало 25 годишно момче. Неговиот идентитет засега е непознат.