Најпрво МНР, а потоа и министерот за надворешни работи Бујар Османи реагираа за автентичноста на Протоколот што беше денеска објавен, тврдејќи дека тој бил стара верзија (на бугарски јазик).
– Почитувани, повторно во јавноста се појавија неточни информации за содржината на Протоколот меѓу РС Македонија и Република Бугарија, кој треба да претставува записник од предвидената Заедничка меѓувладина комисија која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за Францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на Европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на РС Македонија. Во овој контекст би сакале да посочиме дека содржината на евентуалниот Протокол меѓу двете земји, како записник од идната седница на Заедничката меѓувладина комисија, финално ќе биде усогласен на самата седница на оваа Комисија, објави вечерва Османи на својот официјален профил на Фејсбук.
Претходно слична беше и реакцијата на МНР. Но, зошто и МНР и министерот избираат потежок пат за докажување на (не)автентичноста, кога тоа може да го сторат на наједноставен и најубедлив начин за јавноста: да го објават автентичниот Протокол и преведен на македонски јазик за јавноста да биде информирана.
Зошто е полесно Протоколот да се крие од јавноста и да се остава простор, според Османи и МНР, за објавување на „стара верзија“. Толку ли е тешко да се преведе од бугарски на македонски јазик?
И дали е полесно јавноста да се убедува со зборови наместо со факти, со документи, за кои подолго опозициските партии и други субјекти обвинуваат дека власта ги крие од македонската јавност?
(Д.Г.)