Демонстрантите во Шри Ланка ја напуштаат претседателската палата и кабинетот на премиерот кои претходно ги окупираа, јави индиската телевизија NDTV.
– Ги напуштаме претседателската палата, претседателскиот секретаријат и кабинетот на премиерот, но ќе продолжиме со нашата борба, изјави претставник на демонстрантите.
На територијата на западната провинција, каде што се наоѓа главниот град на државата Коломбо, полицискиот час, кој беше воведен ден претходно, исто така е укинат, се наведува во извештајот на телевизијата.
Водачите на протестното движење во Шри Ланка, кои ги протераа претседателот и премиерот од нивните службени резиденции, во неделата на 10 јули рекоа дека ќе останат во зградите додека двајцата не си заминат од своите функции.
Претседателот на Парламентот на Шри Ланка Махинда Јапа Абејвардена чека на писмото со оставка од претседателот Готабаја Раџапакса, соопшти информативниот портал „Њуз фрст“ повикувајќи се на изјава на претседателот на Собранието.
Абејвардена уште потсети на ветувањето на Раџапакса дека оставката ќе да достави по писмен пат в среда, на 13 јули, но оти документот се уште не стигнал во Парламентот.
Денеска на веб-страницата на весникот „Ланка Дејли Мирор“ беше објавено дека Раџапакса во средата не полетал од Малдивите за Сингапур. Претседателот и неговата сопруга, заедно со двајца безбедносни службеници, планирале да го напуштат Мале во среда, но не се качиле во авионот за Сингапур од безбедносни причини.
Претседателот на Шри Ланка Раџапакса, придружуван од неговата сопруга, во средата вечерта со воен авион го напушти Коломбо и полета за Малдиви. Тој остави писмен документ со кој го информира претседателот на Парламентот дека го назначил премиерот Ранил Викрамасинге за вршител на должноста претседател поради „отсуство од земјата“.
Потоа беше објавено дека Раџапакса ќе испрати формално писмо со оставка до претседателот на Парламентот, Махинда Јапа Абејвардена. Според индиската телевизија Република, Раџапакса ќе добие азил во Сингапур.
Минатата сабота илјадници демонстранти излегоа на улиците на Коломбо барајќи оставка од шефот на државата. Ги зазедоа резиденциите на претседателот и премиерот, а опожарена беше и личната резиденција на премиерот. Протестите предизвикани од лошата финансиска и економска состојба на островот не стивнуваат од почетокот на април. Земјата се соочува со сериозен недостиг од девизи, горива, нафтени деривати, ѓубрива, храна за одредени групи население и лекови.
Во такви услови мнозинството на населението бара целосна смена на власта.