Русија во Украина тестира сѐ што може да се употреби против другите европски земи, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно вообичаено ноќно видео-обраќање.

– Русија во Украина тестира сѐ што може да се употреби против другите европски земји. Почна со дистрибуцијата на гасот а заврши со инвазија со цел обем, ракетен терор и спалени украински градови, рече Зеленски.

Тој порача дека Украина „треба да ја порази Русија за другите земји да бидат безбедни“.

– Колку побрзо тоа се случи, толку помалку штети и патења ќе доживеат сите европски семејства, сите европски земји, истакна Зеленски чијашто војска ја загуби контролата над стратешките градови во југоисточниот побунет проруски регион Донбас.

Пред речиси две седмици рускиот претседател Владимир Путин зборувајќи за подготвеноста на Москва за мировни преговори со Киев ги предупреди земјите кои зборуваат и поттикнуваат на наводен „воен пораз“ на Русија во Украина дека продолжувањето на конфликтот само ќе го отежне постигнувањето прекин на огнот и мир.

– Денеска слушаме дека сакаат да бидеме поразени на бојното поле. Па, што да кажам? Нека се обидат. Сè уште навистина не сме почнале ништо, додаде тогаш рускиот челник.

Зеленски во четвртокот, исто така, уште еднаш за заблагодари на САД за испораките на повеќекратните ракетни лансери HIMARS со долг дострел, со кои Киев тврди дека ја онеспособува логистиката на руските трупи, а Москва тврди дека се користи за одмазда и гаѓање цивилни цели врз регионите кои се под контрола на нејзините и силите на проруските сепаратисти.

Непосредно пред обраќањето на Зеленски, на руската телевизија RT беше емитувано интервјуто со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во кое ги предупреди Киев и Западот дека „испораките на оружја со долг дострел …ја шират географијата на операциите во Украина“, односно дека задачите на руските трупи ќе бидат проширен надвор од регионите во кои доминантно и руското и рускојазичното население.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу претходно седмицава посетувајќи го фронтот во Украина им порача на генералите дека приоритет треба да им биде уништувањето на американските ракетни и артилериски системи со долг дострел. Истовремено шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека е јасно дека со таквите системи во Украина командуваат инструктори и команданти од земјите членки на НАТО, со разузнавачка и сателитска логистика на САД.

Зеленски во своите прекуноќно обраќање уште еднаш инсистираше на побрзи испораки на системи за противвоздушна одбрана.

– Веќе постојат договори со меѓународните партнери, но имајќи ги предвид руските напади потребна е целосно поинаква брзина и потполно поинакво ниво на заштита, рече Зеленски.