Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, индиректно ја отфли идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за референдум околу Преговарачката рамка за ЕУ, оценувајќи дека таквите барања од оваа партија се – научена лекција.
– Ние имаме научени лекции. Опозицијата инсистираше на референдум и за Преспанскиот договор со Грција и владата на премиерот Зоран Заев го прифати тоа. На крајот ВМРО-ДПМНЕ, по неколку години барање референдум, реши да го бојкотира, што остави дамка на целиот процес. Тоа за нас е научена лекција, рече Маричиќ на прес конференција посветена на почнувањето на преговорите со ЕУ.
Според негова оценка, место референдум подобро е да се отвори расправа и низ разговори и дебати да се дојде до дветретинско мнозинство во Собранието.
– Подобро е институциите да си ја преземат својата одговорност место да се користи евентуалниот референдум за манипулации и собирање политички поени, рече Маричиќ.